Дипломска работа

Дипломската се запишува на почеток на семестар. Студентот не мора да има избрано ментор при запишување на семестарот.

Дипломската работа најрано може да се запише при првото запишување на летниот семестар во трета година за 3 годишните или четврта година за 4 годишните студии.

---

Дипломската работа се пријавува од наставно-научна област која постои на Факултетот и се работи под надзор на ментор.

Ментор на дипломскиот труд може да биде наставник избран во наставно-научно звање на Факултетот.

---

Дипломската студентот може да ја пријави доколку има освоени минимум 140 ЕКТС кредити на тригодишните, односно 200 кредити на четиригодишните студиски програми [1].

Пријавувањето на дипломската се одвива на следниот начин:

  • Студентот подига „Пријавен лист за дипломска работа“ од студентската служба. Пријавниот лист за дипломска работа содржи: лични податоци за студентот (име, татково име, презиме, број на индекс, назив на запишани студии), наслов на дипломската, кусо резиме на дипломската, област во која се пријавува дипломската, име на ментор, тричлена комисија за преглед и одбрана на дипломската, од кои еден член е менторот.
  • Пријавниот лист за дипломската се пополнува заедно со менторот и менторот мора да се потпише на него во знак на согласност.
  • Студентот го носи пријавниот лист во студентска служба. Врз основа на тој пријавен лист се изготвуваат решенија за комисија за преглед и одбрана. Врз основа на овој документ се заверува и пријавата за испит (стандардна пријава) со административна такса од 50МКД. На студентот му се издава документ „Одобрение за оцена на дипломски труд“ со пополнети информации за студентот и дипломската работа. На студентот му се издава соодветен „Записник за одбрана на дипломска работа“ во кој не се пополнети информациите за: место на одбрана, време на одбрана, оцени за пишаниот текст на сите членови на комисијата, оцена за јавната одбрана, средна оцена.
  • Во моментот кога менторот е задоволен со изработената работа и напишаниот текст, го проверува истиот на системот за проверка на плагијати, по што го потпишува документот „Одобрение за оцена на дипломски труд“.
  • Студентот го носи потпишаното „Одобрение за оцена на дипломски труд“ заедно со 4 копии од текстот (3 за комисијата и еден за библиотека), како и со елетронска верзија на текстот во PDF формат. Студентската служба ги дистрибуира печатените верзии на текстот до комисијата, и ја прави јавно достапна елекронската верзија на дипломската работа. Студентската служба ги собира сите коментари во врска со дипломската работа во време од една недела и ги предава на менторот. По истекот на една недела, дипломската работа може да се брани.

---

Комисијата за оценка и одбрана на дипломската работа е составена од менторот, претседател на комисијата од редот на наставници на факултетот и уште еден член кој може да биде од редот на соработници или наставници.

Комисијата е должна да го пополни и потпише "Записникот за одбрана на дипломска работа".

Комисијата ја пополнува испитната пријава со средната оцена и се потпишува на истата. Завршниот испит се оценува со оценка од 5 до 10, врз основа на квалитетот на изработениот труд и усната презентација.

Менторот го пополнува индексот на студентот со средната оцена и се потпишува во него.

Записникот се чита јавно.

Комисијата ја донесува оценката и ја објавува по завршената одбрана.

Записникот и пријавата се носат во студентска служба.

---

Студентот е должен да ја одбрани дипломската работа во текот на една година од запишувањето.

Студентот кој добил негативна оценка на завршниот испит (5), или кој во одобрениот рок не предал изработен дипломски труд, или добил негативна оценка при прегледот на предадениот дипломски труд, има право да ја повтори постапката за полагање на завршниот испит, но со нова тема.
 
Процедурата за пријава и одбрана на дипломската работа можете да ја најдете на овој линк[PDF]
 

[1] Според член 45 од правилникот на УКИМ